Силен пазар на труд - Економистите го разоткриваат германското чудо на пазарот на трудот 16-12-2010
Германскиот пазар на трудот по кризата е во извонредна ситуација. Но што се вистинските причини за ова чудо? Фондацијата „Ханс Беклер“ која е блиска до синдикатите ова го објаснува вака: претпријатија и вработени покажаа примерно единство—политиката скоро вопшто не игра улога.
Герхард Шредер пред неколку дена повторно излезе во јавноста. Поранешниот канцелар ги прослави своите реформи на пазарот на трудот на почетокот на деценијата. Поводот беше: бројот на невработени во октомври се намали под 3 милиони. За Шредер едно е сосема јасно: Само агендата 2010 која се донесе во негово време го овозможи тоа —и тоа токму во 2010 година.
Толку многу симболика—тоа не може да биде случајност. „Може“, велат научниците на фондацијата „Ханс Беклер“ која е блиска до синдикатите и која во актуелната студија во врска со германскиот пазар на трудот расчистуваа со митосот за волшебното оружје, таканаречената „Агенда 2010“: Можност за полесно добивање отказ од работа, проширувањето на временото вработување и другите реформи од програмата „Харц “ имале само мал придонес во ова чудо. Исто така и резервираноста на вработените во врска со платите, повеќе го ослабело економскиот раст и развојот на пазарот на трудот отколку што го зајакнало.
Вистинската причина за „германското чудо“ експертите ја гледаат на друго место: кај претпријатијата и нивните вработени. Тие за време на кризата како никогаш до сега го користеле флексибилното работно време, намалувањето на работните часови и скратеното работно време. Така работните часови по вработен за време на кризата се намалени за 3,4% - без да има голем број на отпуштања. Во Германија се спасени 3,2 милиони работни места за време на финансиската и економската криза затоа што работното време беше скратено и претпријатијата ги задржуваа вработените. Тоа се 7,7% од сите работни места.
Нема чудо, но има успех
Навистина, вработеноста во 2008 и 2009 година не се намали и покрај најголемата економска криза по Втората светска војна. Во спротивно: Додека во многу други земји во светот, бројот на вработените драстично се намалуваше, во Германија тој благо се покачи: во вкупниот период за 0,4%. „Тоа е сензација“, велат научниците. Но е и вистинско чудо. Со причините кои се наведени во студијата, германскиот феномен лесно може да се објасни. Ако дерегулациите на пазарот на трудот како што се временото вработување и полесната можност за отпуштање на вработени би играле поголема улога во кризата, бројот на работните места би се намалил а невработеноста би се покачила.
Но едно нешто не се обелоденува во студијата: покачувањето на вработеноста пред и по кризата неспорно се основа на реформите на Шредер и со тоа на либерализацијата на временото вработување. Само во оваа област моментално се вработени над 900.000 луѓе—тоа е рекорд. Но дали се работи за создавање на висококавалитетни работни места, тоа е друго прашање.
(Шпигел)
|